Ветер: 3 km/h | Температура: 14.9° C | Weather

Резервација

Име и презиме: Е-Пошта: Број на гости:
Телефонски број: Дата пристигнување: Број на денови:

Флора и фауна


Шарпланинскиот масив е окарактеризиран со богата флора и фауна. Од шумските богатства, на Шара се застапени неколку видови шуми. Регионот на листопадна вегетација се простира во пониските делови и зафаќа околу 60% од падината. Овој регион е сочинет најмногу од дабова, букова и костенова шума. Буковите шуми зафаќаат површина од околу 3000 ha. Костеновата шума ја има до 1200 м надморска висина. Дабовата шума е поретка од другите и за неа нема бројчени податоци. Земено во целина, листопадната вегетација, освен преку високи дрвја, е претставена и со грмушки и жбунови. Над листопадниот појас е распространета релативно тесна зона на четинари. Во оваа зона најмногу се застапени високата ела и смреката. Денес, за разлика од некогаш, елата е многу потисната од смреката. Високопланинските пасишта зафаќаат површина од околу 45000 ha. Разбирливо, тие се распространети над зоната на четинари. Шар Планина е наша најбогата планина со трева, којашто расте дури и до највисоките делови на планината. Застапеноста на густата, разновидна и сочна трева е предуслов за развој на сточарството, особено на овчарството. Од цветната флора, на Шар Планина најмногу е застапен енцијанерот. Застапеноста на фауната е исто така голема со над 44 видови на дивеч, за што најзаслужни се природните фактори, како и слабата населеност. Од животинскиот свет, издвоени се следните видови: Рисот, кој денес е природно редок на Шара. Живее само во високите шумски делови и спаѓа во штетен дивеч, бидејќи го уништуваат корисниот дивеч, особено зајакот. Волците, на поголема висина, во лето и есен, се редовни „придружници“ на стадата овци. Во зима слегуваат во пониските делови и околу селата во потрага по храна. Мечките на Шар Планина живеат далеку од населбите во густи шуми, а повремено ги напаѓаат домашните животни. Нивни постојани живеалишта се шупливите дрвја, јамите и пештерите обраснати со трева. Дивите свињи се ретки на Шара, а исто како и волците, и тие во зима се спуштаат во пониските предели, барајќи суви лисја и желади. Срните, во лето се движат во повисоката планинска зона бидејќи се хранат со трева. Во зима бараат засолниште под разгранетите дрва и вдлабнатините под карпите. Дивокозите можат да се видат во високите и тешко достапни предели на Шара. Неретко, тие образуваат и групи од по 15-тина грла. Во зима се кријат во буковата шума, и во недостаток на трева, се хранат брстејќи од младите дрва и гранки. Вреди да се спомене и дека постои карпа во подножјето на Љуботен, која го добила името по дивите кози кои често шетаат во пределот околу карпата. Оваа карпа е наречена Козја Карпа или народски, Козја Стена. Од поситна дивеч на Шара се среќаваат лисици, куни, верверички, зајаци, диви мачки и јазовци. Од птиците, за споменување е присуството на орлите, соколите и јастребите. Во шумите живеат и славејот, ластовицата, гавранот, свраката и др. Зборувајќи за шарпланинскита фауна, неизбежно е да не се потенцира и шарпланинецот, кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија. Ваквите одлики на растителниот и животинскиот свет се важен фактор за привлекување на туристи. Живописните шумски пејсажи и присуството на богатите видови дивеч го привлекуваат секој љубител на природата и спортот да ги посети шарските предели.